Проштени поклади или прочка

Поклади е последниот празник од зимскиот циклус на празници кој се слави во Вевчани. Календарски овој празник може да се падне меѓу 14 февруари и 20 март според новиот календар. Овој празник изобилува  со обичаи а најзначаен акцент е ставен на простувањето. Впрочем, целиот овој ден е посветен на барањето и давањето прошка, при што речиси секогаш помладите барале прошка од постарите.

Неколку дена или недели пред празникот, децата собираат смреки од планина. Со нив прават колиби набивајќи ги како колови во земја,се прави покрив а одозгора се ставаат снопови со стебла од пченка. Во внатрешноста на колибите се става и слама, сено и гранки од смрека. Колибите ги прават групирани по групи, најчесто групирани по маала. Покрај колибата се пали и оган околу кој се веселат присутните, а воедно ја чуваат колибата да не им ја запали некој пред време. Колибите се палат околу полноќ, а пред тоа децата ги палат "кертачките" , тоа се снопови со сено и папрат или паперка прицврстени на стап. При горењето се пее пригодна песна. "О керте керте" Постои и своевиден натпревар помеѓу маалата за тоа во кое маало ќе има поголема колиба. Според содржините кои во себе го има овој обичај јасно се покажуваат неговите карактеристики кои се во функција на поттикнување на сончевата активност.