Ѓурѓовден

Ѓурѓовден е општонароден празник . Во него се сместени многу верувања и обичаи кои преку молитва и магиски пат треба да ги осигураат напредокот и плодноста на стоката, родот на полињата и среќата меѓу луѓето. Голем дел од обичаите кои се изведувале на Ѓурѓовден се поврзуваат со будењето на природата и со враќањето на животот после зимскиот период. Се слави на 6 мај.На Ѓурѓовден во Вевчани се креваат крсти (литија).Се тргнува од соборната црква и се оди по целиот синор на Вевчани. Учествуваат мештаните кои ги предводи попот. Се носат црковни бајраци и икони, а попот пее молитва. Одејќи по синорот луѓето собираат разни билки со кои се закитуваат домовите. Во минатото, откако крстите ќе го поминат сиот синор се собирале на местото Варвара каде што денес се селските гробишта, и каде постоел само параклис кој денес е возобновен во мала црква. Таму луѓето се веселеле и појадувале, девојките го закитувале параклисот а на неговиот покрив фрлале гранчиња јоргован. На тој начин се дочекувала пролетта а воедно и животот кој се буди во природата. При овој собир се пееле пригодни Ѓурѓовденски песни.

Денес на влезот на Вевчани во чест на Св. Ѓорѓи е подигната Црква Св. Ѓорѓи Победоносец.