Планина Јабланица

Јабланица e висока планина во југозападниот дел на Македонија, помеѓу Охридско-струшката и Дебарската Котлина, западно од реката Црн Дрим и брегот на Охридското Езеро. Јабланица се протега во меридијански правец од север кон југ со должина од 35 km и е втора по големина планина во западната Шарска област. По сртот на планината се протега македонско-албанската граница, при што источните планински страни и припаѓаат на Македонија, а западните планински страни од планината лежат во Албанија. Планинскиот гребен е повисок од 2.000 м, а највисок врв е Црн Камен, со 2.257 m. Други врвови повисоки од 2.000 m на планината Јабланица се: Стрижак 2.233 m, Крстец 2.186 m и Чумин Врв 2.125 m.

Многумина кои ја посетиле планината Јабланица, се воодушевени од убавината на оваа планина. Некои ја сметаат за наша најубава планина, други ќе кажат дека е "Шар Планина во мало", дека е Вевчанска "убавица". Планината е фасцинантна во секое годишно време: разликата е само во колоритот, боите и доживувањето. Затоа, речиси сите кои барем еднаш биле на Јабланица, посакуваат повторно да ја почуvствуваат оваа навистина уникатна планина. А зошто е толку уникатна? Едноставно, затоа што на само неколку километри или на неколку часа пешачење, може да се видат толку прекрасни природни пејсажи, и секогаш има нешто ново што "ќе откриеме"… што ќе не воодушеви.

Во релјефот доминираат високи врвови, пространи површини, длабоки речни долини, карстни и фосилни леднички облици. За време на ледениот период, високите делови биле зафатени cо интензивна глацијација. Трагите од глацијацијата се претставени со пет фосилни циркови во кои се наоѓаат четири леднички езера и тоа Вевчанско односно Вевчанска локва, Подгоречко и Горно и Долно Лабунишко езеро.