КУД ДРИМКОЛ препознатлив по својата оригиналност и професионалност спектакуларно прослави 70 години организиран фолклор во Вевчани

  • Posted on: 9 May 2017

Во Домот на културата во Вевчани со спектакуларен концерт, на 07 мај КУД „Дримкол“ прослави значаен јубилеј за Вевчани - 70 години организиран фолклор.

- Вевчани е стара населба, фолклорната традиција е стара колку и населбата, Вевчанскиот карневал е пример за тоа, но, фолклорот како уметност на организиран начин со сигурност може да кажеме дека за прв пат е представен на сцена во 1947 година. Среќен сум што ние како генерација на КУД ,,Дримкол,, одлучивме да го прославиме формирањето на првата играорна група во Вевчани во 1947 година која успешно се представила на 11 – Октомвриските свечености во Скопје. Од тогашната играорна група формирана од младите Вевчанци членови на сојузот на кумунистичката младина на Југославија, преку училишните и младинските групи се пренесува љубовта кон фолклорот, се негува традицијата и се формира денешното КУД ,,Дримкол,, кое денес брои 150 активни членови распоредени во неколку организациони уметнички целини: фолклор, театар, пејачка група, оркестар. Ова за нас е многу значаен јубилеј, бидејќи истиот ги опфаќа сите генерации на играорни групи кои работеле во Вевчани од 1947 година до денес, еве цели 70 години. – вели претседателот на друштвото м-р Тошо Чочороски.

На самиот почеток на програмата беше прикажан документарен филм  кој преку фотографии и видео материјали, живи сведоштва на луѓе и изјави на сите досегашни раководители на фолклорните групи во Вевчани, предизвика силни емоции кај публиката.

 

Покрај филмот, уште поголема возбуда кај присутните предизвика настапот на фолклорниот ансамбал „Дримкол“ кој презентира воклани и орски изведби од западна Македонија, Повардарието, од Пиринска и Егејска Македонија и секако обредни сценски адаптации од Вевчани.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Со програмата на сцената раководеше позната актерка од МНТ, Снежана Конеска Руси која внесе дополнителна енергија и убавина во целокупниот амбиент.

Вечерва беше величентсвено, бидејќи најдоброто, најквалитетното  и најкарактеристичното од  фолклорот  на етничка Македонија беше најуспешно презентирано од страна на вештите играорци, свирачи и пеачи на КУД „Дримкол“ од Вевчани. Киткастата и во голем дел оригинална и уникатна  носија која што може да ја има фолклорен ансамбал  од највискок  ранг,  Дримкол  ја поседува и достоинствено ја презентира на сцена. Ова е и својствено за Вевчани кое  јас секогаш го нарекувам тврдина на македонштината  и македонската  држава. Вечерва од име на СОФАМ-ЦИОФФ  за Македонија  дојдов со најголемо задоволство да честитам  еден голем јубилеј - 70 години организиран фолклор во Вевчани, и да им признаам на Вевчанци дека горди сме што „Дримкол“ постои во Македонија – изјави  претседателот на сојузот на фолклорни ансамбли и ЦИОФФ за Македонија, Антонио Димитровски.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Традиционално секоја година КУД „Дримкол“ организира годишен концерт, а и  најавуваат концерт во Скопје и други градови во Македонија.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Автор на фотографиите Анастас Ќушкоски