Седма година на фестивалот за народна култура "ПОБРАЖЕЊЕ" - ВЕВЧАНИ

  • Posted on: 17 August 2017

Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани по седми пат е организатор и домаќин на фестивалот за народна култура „Пображење“, кој од вечерва и во наредните три дена ќе се одржи во Вевчани. Големата летна сцена во центарот на Вевчани ќе биде местото каде со своите песни и игри ќе се претстават културно уметничките друштва од Македонија, Босна и Херцеговина, Словачка, Романија, Хрватска, презентирајќи дел од својата национална култура и фолклор. На свеченото отворање ќе му претходи големо дефиле низ вевчанските улици, предводено од вевчанските зурли и тапани.

- Од денеска Вевчани слави. Секој вевчански дом се подготвува и во деновите кои следат го прославува Преображението Христово, нашата Вевчанска слава, а заедно со нас во овие радосни празнични денови, оваа година, 300 уметници од Македонија и странство ќе го слават и фолклорот, традицијата, уметноста. Фестивалот за народна култура „Пображење“, веќе е препознатлив на културната мапа на РМ, одлично прифатен од населението, а редовно посетуван и од туристите кои летуваат на охридско-струшкото крајбрежје. Тоа е и целта, среќни сме што успеваме да ја постигнеме, а од година во година и зголемиме, изјави Тошо Чочороски, претседател на КУД „Дримкол“-Вевчани.

На овогодинешното издание на фестивалот учество ќе земат: КУД „Илинден“ Битола,  КУД „Пирамида“ Охрид,  КУД „Екрем Мујкич“ Бутмир-Илиџа Сараево,  Ф.А. „Стропковчан“ Стропков-Словачка;  КУД „Керамичар“ Велес,  ХКУД  „Железничар“-Загреб,  ансамбал „Магура Цодлеа“ Брашок-Романија;   КУД „Млади рудар“ Добрња-Тузла.

Фестивалот  една од вечерите ја посветува и на вокално-инструменталната традиција, а оваа година во оваа категорија ќе се претстават: народниот оркестар при ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ Штип во класата на проф. Илија Ќосевски, пејачка  група при КУД „Екрем Мујкич“ Бутмир Илиџа и пејачката група „Каданка“ при КУД „Дримкол“ од Вевчани.

Во рамки на фестивалот оваа година ќе се одржи и работилница за традиционално пеење предводена од доц. д-р Велика Стојкова-Серафимовска, етномузиколог при Институтотзафолклор „МаркоЦепенков“ -Скопје. На фестивалот ќе учествуваат и ликовни уметници кои за време на фестивалот ќе сликаат на тема: „Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници“. Оваа година гостин е ликовниот уметник Сајет Дарвиш од Париз, Франција.

Фестивалот за народна култура „Пображење“ Вевчани е под покровителство на Министерството за култура и Општина Вевчани.