Вевчански карневал
Карневал кој според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Настан на кој му се восхитуваат илјадници странски посетители секоја година збогатен со неговата културна и историска вредност.
Во Вевчани тогаш е веселба, се празнуваат василичарските обичаи кои континуирано се слават едно деноноќие. Во карневалот се интегрирани традиционалните обредни игри и современи маски, а се изведуваат во чест на верскиот празник Свети Василиј Велики - заштитник на вевчанските василичари, на Вевчани и на вевчанци.
Вевчанскиот карневал, стар повеќе од 1.400 години е интересен спој меѓу паганското и современото. Главни карактеристики на карневалот се: архаичноста, таинственоста и импровизацијата. По своите специфични особини се разликува од сите други карневали во светот. Местото на карневалското случување е целото Вевчани, кое, за време на неговото одржување се претвора во своевиден театар без граници каде што секоја куќа, улица е сцена каде маскираните ги изведуваат своите игри како вистински актери.
Постојат три традиционални маски: зет и невеста, Глупи Август и музичари. Останатите маски во суштина се помали или поголеми карневалски групи, кои со костимите, гестовите и движењата обично ги исмеваат и жигосуваат појавите и личностите од општествениот живот.Особено е карактеристична улогата на Глупи Август. Оваа маска обично ја носат млади луѓе, полни со енергија, а кои со публиката комуницираат со невообичаени движења и гестови, но и со карактеристичен врисок.
За времетраењето на карневалот, маскираните ја имаат сета слобода и “занес” во “поставувањето на светот наопаку”, слобода во која до израз доаѓа креативноста на духот, смислата за импровизација, критика и иронизирање.
За времетраењето на карневалот вевчанци од целиот свет се прибираат дома за да учествуваат во единствената “претстава” обилно залиена со црвено вино, во која има има место и за секој добронамерник со карневалски дух.