Историја

Траги од населбата постојат од III век пред Христа. Неговата прва локација не била денешно Вевчани, туку  се наоѓало нешто подолу од подножјето на планината Јабланица, на местото што денеска се вика Селиште. Можно е и да дошло до некакво спојување на античко македноска населба која се наоѓала во областа Вајтос која се наоѓа непосредно над Вевчани, со споменатата населба Селиште, така формирајќи го на денешната локација (меѓу Вајтос и Селиште).

Првите легенди и писанија за Вевчани велат дека е стара населба, а нејзините почетоци датираат од крајот на VI, односно почетокот на VII век, кога племето Берзити (Брсјаци) го преплавиле Струшкиот крај и ја населиле локацијата на денешно Вевчани, југоисточно од планината Јабланица.

За тоа од кога се среќава населбата Вевчани запишана во документите, низ вековите има повеќе изворни документи. Еден од нив е Калимановата грамота, како досега најстар истражен документ. Во него се говори дека Вевчани како селска населба е евидентно од крајот на IX век и тоа како мошне развиена, економски јака и обврзана да дава данок во натура на бугарскиот кнез Борис I, а по него и на царот Симеон Велики. Следен пишан запис каде се среќава селото запишано под името Вешчани се срќеава во XIV век, односно од 1342 - 1345 година кога царот Стефан Душан со грамота го приложил на црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид ] . Нешто подоцна во XVI
век, во османлиските даночни регистри на немусилманското население од вилаетот Охрид според турските записи на населението од 1509 година имало 208 домови, а при
вториот запис на населението во 1519 година имало 223 домови и било поголема населба од Струга, што тогаш броела 176 домови. На почетокот на XVII век во 1633-1634 година населбата е заведена под името Вешчано со 154 домаќинства.

За време на доцниот период на отоманската империја, жителите на Вевчани се одликувале со голема храброст, бестрашност и јунаштво, непокорност, слободљубивост, патриотизам и посветеност на православната христијанска вера и Македонија.

Историски датуми на барикади за одбрана на вевчанското достоинство

 

Во Вевчани 1934 година се раѓа Здравствена станица која станува позната и надвор од нејзиниот реон и постојано ја проширува својата дејност.Токму во најголемиот развој на Здравствената станица, во 1968 година тогашната социјалистичка власт се обиде незаконито и со полициска интервенција да ја задуши работата на Здравствената станица.Со зачудувачка брзина пред влезот на Здравствената станица, Вевчанци сакајќи да ја зачуваат, подигнале барикади. Барикадите се направени од камења, клупи, дрвја, коли... Зад тие први социјалистички барикади, можеби воопшто подигнати дотогаш во нашата земја, стои целото Вевчани, решено да се бори да сочува една татковина што со децении ја негува, ја гради и материјално ја помага.

 

Вевчанскиот случај е случај од 1987 г., кога тогашната власт имала намера да ги каптира Вевчанските Извори, под изговор дека носи вода за жителите од соседното село Октиси, а всушност, имала намера водата да ја користи за елитната викенд-населба Елен Камен, каде што се наоѓале вилите на тогашните челници на власта. На тоа се спротиставиле жителите на Вевчани со поставување на барикади не се дозволило да се постават водоводните цевки. Немирите ја достигнале кулминацијата на 7 август 1987 г., кога интервенирале специјални полициски сили, кога за првпат во тогашна Југославија биле употребени „електрични пендреци“.Овие настани ја разбранувале пошироката македонска и југословенска јавност и општество, а добиле и (необично) пошироки димензии и политички импликации. По овие настани доаѓа и до симболичното протестно самопрогласување на „держава Вевчани“ (република) со свои пасоши и пари (тн. личници) кои денеска се туристичка атракција . Во центарот на  Вевчани и денес постои плоча каде се запишани имињата на сите тогашмни челници со натпис „Бог ве убил, погани изроди“.