Печалбарство

Плачи круша - олтар на печалбарството, дрво под чии гранки се делеле печалбарите од своите што до тука иделе да ги испратат, дрво чии корени ги натопиле реки солзи и на тие што оделе во печалба и на тие што остануваат во домот, место каде се корнеле од своите огништа. Оваа круша молчи за тагите, за воздишките за закопаните надежи под нејзините гранки , за последните разделби, последните бакнежи, за ветувањата дека наскоро ќе се вратат тие што одат во печалба штом  спечалат малку пари. Отсекогаш тука зимите започнувале со првото пролетно сонце, штом расцути првиот дрен, а пролетта почнувала штом паднат првите снегулки. Тогаш печалбарите се враќале од печалба, од туѓина и домовите се радувале, ги греела топлината на семејниот живот. Топењето на снегот значело повторно заминување на блиските во туѓина. Повторна тага.Кој прв зел торба со алати и отишол во бел свет, отворил врата на видиците на овие луѓе и на генерации по него не се знае. Вевчанските Печалбари, распространети низ светот, сакале од нивниот труд во туѓина да има полза и нивното Вевчани.

За големината и значењето на Вевчанските печалбари говорат нивните  дела. Народниот театар Белград, Народното собрание Белград, Хипотекарна банка Белград, Министерство за сообраќај Белград, Аграрна банка Белград, Државна Печатница Белград, Романска амбасада, Палата Реунионе Белград,Окружен уред болница, Инвалидски дом Белград, Школа Кралица Марија на Ташмајдан Белград,Хипотекарна Банка Сараево, Електрична централа за вилата на кралот Александар 1 во Опленац, Гимназија кај црквата Св Марко, Касарната на Бањица, Палата Јужна Србија,Кралската резиденција на Дедиње, Вила Стојадиновиќ на Дедиње, Американска Амбасада. Со векови се оди на печалба, во потрага по леб, ги обколивме речиси сите земји, сретнувајќи се  во рудници Северна и јужна Америка,на скелињата во  Русија, Бугарија, Грција Турција, Чешка, Германија, Франција, Англија, на пругите во жешката Персија, Бесарабија, Египет, Албанија, Кувајт, со гордост  говорат печалбарите.

Зимата 1956 година се формира градежно занаетчиско претпријатие Дримкол Вевчани, со седиште во Вевчани каде што се наоѓаат кадровскиот и финансиско – комерцијалниот сектор. Надвор од седиштето, работната организација имала организациони и деловни единици – градилишта, работилници и погони  - во Србија, со седиште во Белград и на територијата на Македонија во  Скопје и Битола. Основната дејност на работната организација се фасадерските, гипсерските, молеро- фарбарските, терацо – мозаичките и другите занаетчиски работи. Успешно изведувале ниска и висока градба.   Низ постоењето минува низ неколку фази. Иако на почетокот на своето основање мошне мало, со залагањето на своите членови постојано се зголемува , придонесувајќи градежните објекти да го добијат својот конечен изглед. Приказна која раскажува за единствените градежни работници во земјата кои вишокот на труд сакале да остане во својот роден крај Вевчани. Уште во првите три години од нивната работата тој вишок на труд станал вевчанскиот водовод, голема кино сала со 400 седишта, најсовремена за тоа време.