Народна носија
Народната носија на Вевчани претставува сублимиран одраз на народната културна традиција, чии корени се во етнокултурната идеологија на македонците, во некои елементи на идеологијата на народните верувања, во определени естетски сваќања создадени низ вековите. Во оформувањето и обликувањето на народната носија на Вевчани, значајна улога имале и географско – природните услови. Според тоа таа се одликува со посебна специфична форма а при обликувањето на истата главното место го имала жената.
Во народната носија е акумилирано едно огромно умеење пренесувано од генерација на генерација. Народната облека освен својата основна функција да го заштити човечкото тело во различните климатски услови, како и да го украси, од дамнешни времиња има и други многустрани значења и пораки. Покрај одредените магиско - обредни функции, преку облеката се покажува територијалната припадност, семејната положба, како и меѓусебните општествени односи на генерациите од различни возрасти. Добар дел од ова материјално културно наследство на Вевчани со текот на времето било подложено на трошност, промена и губење.Во услови на патријархална култура, кога за селската средина многу малку била позната употребата на индутриските производи, целокупната ракотворна дејност е базирана главно на продуктите од домашното селско производство и до произвосвото на селските локални занаети. Горната машка и женска облека е изработувана од домашна четворо ткаена волнена ткаенина- клашна.
Кошулите се изработувани од домашно ткаено, бело конопено, или со текот на времето од памучно платно. Од сите естетски категории и дисциплини во украсувањето на носијата на Вевчани, највисоките уметнички вредности му се препишуваат на везот. Везот има најголема примена во украсувањето , односно во декорацијата на женската кошула и покривало за глава – марама,убрус. Во обликувањето на народната носија , своето естетско чувство се вградило и во плетечката вештина, а како основа на плетечката дејност се јавува плетењето на чорапите – арганојци. Во украсувањето доминантна застапеност, посебна вредност и убавина има металниот накит а од средината на деветнаесеттиот век и монистрениот. Во Вевчани се среќаваат неколку варијанти на народната носија.
Женската народна носија се среќава во неколку варијанти зависно од сезонската или статусната поделба. Според статусната поделба, односно поделба според возраст, највпечатлива е невестинската носија од постар тип, крај на 19 век. Таа во себе ги содржи облековните елементи : кошула везана со крст и василичарки, кошулче везано, зобан на кој се сошиени кадифени ракави декорирани со вез од срма, клашеник, сокај, џубе,бовча ресачка, појас, коланче- препашка, марамче, сокајче, побрадник со пари, марама со кесме, чорапи, кондури, а од украсувачките елементи се јавуваат, киска, колан со мунисти, колан со пари, чапрак , игла, тунтурици, панѕур, убетки.
Носијата за девојки од понов тип, во себе содржи делови кои водат ориентално потекло и како резултат на тоа во себе вклучуваат поизразен колорит , украсовни делови од монистра а во себе ги вклучува облековните делови: кошула, кошулче, срмен зобан , бовча со пуфки, покривало за глава- убрус, колан од муниста под кој стои шамија со рески, шамливче со пуфки, побраник, ќиска, игла, тунтурици, чапрак, волнени чорапи и кондури. Носијата за повозрасна жена е поскромна во споредба со народната носија за невеста или девојка и во себе ги вклучува облековните делови кошула и кошулче со поскромен вез и колорит, копринен зобан пругаста бовча без посебна декорација, црн појас, батисте, марама , чорапи и кондури.
Машката зетовска носија се карактеризира со платнени и клашнени облеки украсени со црни гајтани. Се состои од кошула, бечви ,џамадан ( елек ) , гунче црвен волнен појас, долама, плитка капа- кече , во постар тип шубара, црвени чорапи – арганојци, кожени кондури.