Архитектура
Со векови наназад вевчанските мајстори биле надалеку познати по нивните градителски вештини, ѕидање, делкање на камен фасадирање и сл. Организирани во тајфи работеле како печалбари насекаде на Балканот и пошироко, биле чесни и вредни работници, а луѓето ги дочекувале со радост бидејќи нивното присуство значело создавање на нешто ново.
Запознавајќи нови простории и култури, тие наученото го внесувале во родното Вевчани, водејќи го неговиот прогрес. Иако вевчанската стара архитектура била под влијание на новата европска архитектура, сепак воглавно ги задржала трајните вредности на традицијата на македонската куќа, присуство на чардак, употреба на локални материјали, антропоморфност на просторот и поделба на живеењето на зимско и летно согласно климатските услови.
Убавината на Вевчани ја создаваат и старите куќи, сведоци на едно време и навики на живеење на локалното население. Од многубројните зачувани посебно се истакнуваат следните кои ја раскажуваат приказната за вевчанската традиционална архитектура.
Куќата на Дуцкиновци – куќа палата, троделна вертикална поделба, челно поставен чардак и извесни византиски реминисценции
Куќата на Плушковци – куќа со специфично расчленет чардак кој се провлекува низ просторот
Куќата на Пешиновци – висока куќа со двовисински трем и двоен средишен чардак со изразито издеференциран зимски стан во меѓукатот и летен стан на катот
Куќата на Даскаловци – мала куќа со затворен тип на чардак, во приземјето сместени дуќани за народна носија, а во горните катови простории за живеење
Куќата на Коруновци – троделна поделба со средишен чардак и специфична стилска обработка која се врзува за македонските средновековни цркви.
Куќата на Ќитановци – високо развиена куќа со троделна поделба на основата и централно поставен чардак
Куќата на Калајџиевци – висока куќа со тесен фронт, простран челно поставен чардак и јасно издифиренциран летен стан во катот од лесна бондрук констукција и зимски стан во масивен меѓукат
Куќата на Костојчиновци - малечка куќа со колонада од столбови и еркери што кружат на предниот дел од куќата, долниот дел е во камен, а горниот дел од бондрук конструкција
Куќата на Гоговци – куќа со двојно ориентиран средишен чардак
Куќата на Поповци – куќа со висока архитектонска и структурална изразеност со карактеристична и специфична типологија