Легенди

Легенда за Бела Плоча ,,Св.Спас“

За постоењето на ова светилиште живее легенда спoред која на ова место имало една плоча - поголем камен блок со бела боја - според која и местото го нарекувале Бела Плоча. Заради светоста на местото тука се палеле свеќи. Но, во турско време, велештани се обиделе да ја украдат неа и да ја однесат во Велешта за да им служи при обред во гробиштата. За таа цел ангажирале повеќе коли со волови и биволи. Но тие тешко се движеле. Се говори дека искршиле дваесет коли, а со плочата едвај стигнале до местото Пелвец. Бидејќи не можеле да ја влечкаат повеќе, ја оставиле и отишле кај некој гледач. Тој им кажал дека плочата не се помрднува бидејќи е од вакоф и ги посоветувал да ја вратат или да ја остават тука. Тие ја оставиле. Во непосредна близина, во Вакоски Ливаѓе, во мала куќарка живеела некоја си Сава Баткоска. Таа имала две биволици и две биволчиња, и со помош на неколкумина вевчанци ја товарила плочата на една двоколка и тргнала кон Вевчани. Биволчињата неа ја носеле сосема  лесно, сѐ додека не стигнале на влезот од Вевчани, на истото место од каде што таа била однесена. Тогаш се договориле дека нејзе местото ѝ е тука, ја истовариле и над  неа ставиле покрив, односно направиле параклис, што го нарекле Св. Спас.

Легенда за  Спасе и Спасица

 

Едно друго предание, кое се пренесува кај жителите на селото Вишни, вели дека Спасе имал сестра Спасица која била млада девојка. Се верува дека нивните имиња им ги дал народот. Тие биле сираци, чии родители наводно биле убиени, па заради тоа тие се засолниле во некој манастир, којшто се наоѓал на ридот Бабуш, под селото Вишни. Приказната говори дека Турците го испоганиле и го осквернавиле манастирот, ги ипотерале испосниците оттука, а него го урнале. Уплашени од налетот на зулумќарите и од страв младата Спасица да не биде потурчена, двајцата побегнале на различни страни. Спаса отишла во пештерната црква во Вишни, а нејзиниот брат Спасе во планината Јабланица над Вевчани, каде и ден денес на надморска висина од 1300 метри се наоѓа манастирот посветен на светецот. И денеска меѓу луѓето се верува дека кога еден со друг се посетувале братот и сестрата, запален „сноп“ од оган се движел од Вевчани кон Вишни и обратно.

Легенда за населувањето на Вевчани

За населувањето на првите семејства и родови во Вевчани досега сè што се знае се темели врз претпоставки и легенди. Така, првите населени вевчанци биле браќата Калан и Алула. Крај убавиот извор на реката со како мраз студена вода и лете, решиле да се населат. Но, интересно, не изградиле домови еден покрај друг. Маалото Алуловци се наоѓа на врв, таму под самата планина, каде што завршува Горно Маало, а домовите на Калановци се наоѓаат на другиот крај на селото, односно таму каде што тоа почнува крај последните ниви по полето. Оттогаш, веројатно, минале векови. Но сродството и блискоста меѓу овие две маала останале зачувани. И денеска, по толку време, живее преданието дека се овие два рода блиски.

Легенда за Мали оџа (Поп Наум)

 

Постојат повеќе преданија за Наум (Ноум) Попов, наречен Мали Оџа. Сепак до денес тоа е неразјаснета личност, како духовник, полиглот, остроумен и прониклив човек, но и човек со трагична судбина, жртва за сопственото село. Едно од многуте преданија за него е и следното. Наум Попов од Вевчани учел за поп во Цариград. Знаел да зборува турски, грчки и арапски јазик. Во негово време некојси Гроздан се населил во Горна Белица. Станал и коџобашија на селото, па како снаодлив човек, успеал со поткуп да добие од турските власти тапија за девет ливади кои го зафаќале просторот на планината Јабланица.

Таа тапија била лажна, но тој сепак не им дозволувал на Вевчанци да ја напасуваат стоката во планината иако таа била нивна. Тој спор траел долго време. Тогаш попот Наум им рекол на своите соселани: „Јас немам пари, но знам како да ја расипам тапијата.“ На тоа Вевчанци собрале пари и го испратиле попот Наума да замине во Цариград и да ја расипе тапијата. Наум позајмил од некој пријател тамошен алишта и се преоблекол како оџа. Успеал да стигне до султанот. Зборувајќи му на турски јазик тој го разбрал во потполност и наредил да му се издаде уште веднаш нова тапија со која Вевчанци си ја повратиле планината. Убиен е за време на служба во село Таш Маруништа вршејќи служба во манастирот Св. Мартинија. Тогаш поп Наум имал само 38 години, а зад себе оставил шест деца. Бил погребан со сите почести на гробиштата од Долна Црква во Вевчани и неговиот гроб се наоѓал под олтарот на самата црква.