Светилишта
Влегување во храмот на Пресвета Богородица (Долна Церков)
Се наоѓала во центарот на Вевчани. Станува збор за стара црква којашто ја срушиле Турците. На истото место вевчанци подоцна почнале со градба на нова црква.Градбата започнала во дваесеттите години (1921-1928). Црквата била изградена повеќе од 1,5 м. во висина (до прозорците), но поради недостиг на средства, градбата била прекината. Се влегувало низ две поголеми порти, од исток и од запад, а имало и други помали влезови и скалила од северната страна, коишто се користеле во други прилики.Денес, постојат видливи траги од црквата во центарот на Вевчани.
Црква Св. Никола (Горна Церков)
Тоа е соборна црква, односно трокорабна базилика со олтар, лаѓа и балкон. Дозволата за изградба на црквата во Вевчани е издадена во 1834 година, а за истата и вевчанци дале доста пари за поткуп. За тоа говори и фактот што оваа црква е изградена со рамен под, што во тоа време не било дозволено од властите. Се говори дека претходно била ископана седум степеници под нивото, а потоа е затрупана. Инаку, црквата е градена од рачно делкан камен. Нејзината должина изнесува 18 м., а широка е 12,5 м. Влезната врата е ѕидана со калај. Над неа, како и над другите отвори, во каменот се врежани библиски симболи.
Иконописот во црквата е од Димитар Крстевич - Дичо Зографот (1819-1872) од село Тресонче, Дебарско. Овој истакнат и талентиран мијачки зограф во овој свет храм оставил вредни дела.
Североисточно од црквата се наоѓала камбанаријата чија камбана била донесена од Романија, а нејзини донатори биле браќата Насто и Крстан Костојчиноски кои во тоа време биле на печалба во Турну Северин.
На 10.10.1999 год. започна градба на нов црковен објект со димензии 14х12м којшто се наоѓа западно од црквата и е во продолжение на истата. Тој е наменет за крстилница, галерија на икони, библиотека со читална, продавница за свеќи, канцеларија и апартман.
Црква Св. Спас (Бела Плоча)
Се наоѓа на влезот од Вевчани од неговата североисточна страна. Уште се нарекува и Долни Св. Спас. Изградена е на свето место со површина од 1500 м2. Во почетокот светилиштето било мала дрвена куќарка, параклис, а acheter cialis en ligne по обновувањето од 1986-1996 год. е црква, солидно изградена од делкан камен. Осветувањето е извршено на 10.10.1996 год.
Манастир Св. Спас (Горни)
Манастирот се наоѓа во планината западно од Вевчани, на надморска височина од 1300 м. Просторот којшто го зафаќа самиот тој со околината изнесува 864 м2, а шумата, која е во негова сопственост изнесува 45 ha. Тоа е стара дабова шума и низ неа води пат до него по кој се стигнува за еден час пешачење. Манастирот е изграден во карпите, што е карактеристика за целиот терен тука. Источно од него има една голема карпа, надвисната над самиот пат, односно над селото. Се верува дека светецот не дозволува да се случи зло.
Ова свето место веројатно постои од поодамна, но изградбата на манастирот била подоцна. Судејќи според иконите, тој може да се датира од втората половина на XIX век.
Мештаните од Вевчани овој манастир го посетуваат најмалку три пати во годината.
Црква Св. Варвара
Во минатото била параклис кој, покрај ова име, во Кралството на Југославија го носел и името Свети Сава. Црквата се наоѓа северно од населбата, на едно мало возвишение, сред дабова шума. Меѓу овие дрвја има и неколку повеќевековни стебла, што укажува на староста на ова светилиште.
Стариот параклис е срушен во 1996 год. кога на истото место, но со поголеми димензии, е изградена црквата. Таа, заедно со шумата и гробиштата, зафаќа површина од 14.065 м2.
Црква Св.Ѓорѓи Победоносец
Во 2013 година на православниот празник Ѓурѓовден на влезот на Вевчани беа осветени темелите за изградба на нова црква Св.Ѓорѓи Победоносец посветена на истоимениот светител. Надворешноста на црквата е изградена од делкан камен, а внатрешноста сеуште е во изградба.
Параклис Св. Димитрија
Се наоѓа северно од населбата во месноста Падарница. Парцелата на која е изграден изнесува 340 м2. Не е познато од кога истиот датира. Фреските се изработени од С. Николиќ од Битола во 1914 год. Реновиран е во осумдесеттите години. Се посетува на ден Митровден (8.11.) кога се врши богослужба, а посетителите носат ветени подароци и палат свеќи.
Параклис Св. Петка
И ова светилиште се наоѓа северно од Вевчани, во непосредна близина на параклисот Свети Димитрија, и е последно во низата светилишта што ја формираат правата линија исток-запад. Површината на земјиштето на која тој е изграден изнесува 342 м2. Не е познато од кога истиот датира. Фреските на иконостасот се изработени од вевчанскиот зограф Никола Бубаноски во 1924 год.
Параклис Св. Недела.
Се наоѓа во месноста Извор и изграден е на поток (јаз) со вода. Исто така, во самиот параклис има и мал извор. Иконостасот е изработен од Ѓорѓија Бубаноски во 1939 год.
Параклис Света Среда.
Се наоѓа во месноста Извор. Во него има извор, односно чешме со света вода за која се верува дека помага при лечење кај жени кои немаат род, па оттука ја нарекуваат уште „женска вода“. Објектот е изграден во 1972 год. од страна на браќата: Кристо, Сандре и Леон Шекуткоски, како донатори.
Црквиште Свети Јован.
Се наоѓа во месноста Извор. Ова свето место е означено со икона на светецот на кого му се палат свеќи. Тука, во реката, секоја година на денот Водици (19.01.) се фрла крстот.