Спасовден (Вознесение Христово)
Спасовден (Вознесение Христово) е празник кој во Вевчани се слави три пати во годината, и тоа како пролетен,летен празник ( мај , јуни ) , есенски празник - кој се празнува за здравје на добитокот ( во ноември ) и зимски празник кој се празнува за печалбарите ( во јануари ). Во сите три денови обичај е да се оди во манастирот Св. Спас ( Горни ) кој се наоѓа во планината западно од селото, на надморска височина од 1300 m. Шумата која што е негова сопственост е стара дабова шума и низ неа води пат до него по кој се стигнува за околу еден час пешачење од Вевчани. Манастирот е изграен во карпите. Во минатото се ноќевало во манастирските конаци , но и во импровизирани колиби по маалски софри, се палат свеќи за здравје, се принесуваат дарови кои притоа се лицитираат и продаваат како приход за манастирот. Свети Спас се почитува и се смета за сопствен заштитник на Вевчани и често се споменува во молитвите. Поради тоа покрај во наведените денови , него го посетуваат и во други пригоди. Манастирот го посетуваат и верници од друга вероисповед, палејќи му свеќи и дарувајќи го за здравје и род. Најчесто доаѓаат верници кои имаат проблеми со видот. Сето ова има симболичка врска со светлината како појава што му се препишува на светецот.